Вторoто полу-финале во Вимблдон помеѓу Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал е прекинато поради „полицискиот час“. Според законот, во Британија, не се дозволени ваквите настани да траат по 23 часот. Мечот е прекинат при водство на српскиот тенисер со 2:1 во сетови (6:4, 3:6, 7:6), а истиот ќе продолжи в сабота од 14 часот по македонско време.
Инаку, мечот се играше под покривот на Централниот терен, бидејќи поради време траењето на претходниот меч, мораа да бидат вклучени рефлекторите и доколку тенисерите не се согласат да биде отворен покривот, тогаш тој повторно ќе биде затворен за мечот да заврши во истите услови во кои што започнал.
Трите сета се играа речиси три часа, а двајцата играчи на публиката и понудија врвен спектакл. Ѓоковиќ подобро влезе во мечот, константо го напаѓаше сервисот на Надал, па успеа во седмиот гем од првиот сет да направи брејк и потоа да го освои сетот.
Србинот доминираше и на почетокот на вториот сет, но во првите два сервис гема на Надал не искористи четири брејк топки. Надал тоа го казни и во четвртиот гем успеа да направи брејк и да поведе со 1:3. Ѓоковиќ веднаш возврати, намали на 2:3, но потоа Надал уште еднаш му го одзеде сервисот на противникот, а потоа ги искористи своите сервис гемови и со 3:6 го освои вториот сет и израмни на 1:1.
Третиот сет не понуди многу брејк шанси, тенисерите сигурно делуваа кога беа на сервис, но затоа тај-брејкот понуди вистинска драма. Надал не искористи четири сет топки, а Ѓоковиќ својата втора сет топка ја претвори во 11:9 и предност во сетови 2:1.