Top Sport

„Полковникот“ Јужни замина во пензија

Михаил Јужни го одигра својот последен професионален меч по две децении во четвртокот, ставајќи крај на „лудата“ кариера во која освои 10 АТП титули, доби прекар „полковник“ и беше миленик на поранешниот руски претседател Борис Елцин.

36-годишниот Јужни, кој одамна стана интернет-хит кога со рекетот ја раскрвави сопствената глава, ја заврши кариерата со 499 победи, откако загуби со 7:6(6)/3:6/6:3 од Шпанецот Роберто Баутиста Агут во второто коло на Санкт Петербург опен.

Јужни стана светски број 8 во кариерата, и беше дел од два триумфални состави на Дејвис купот, а во еден од нив стана национален херој откако се врати од два сета негатива да го победи Французинот Пол-Анри Матју во 2002 година во Париз. Елцин, кој беше на трибините, не можеше да се воздржи и мораше да го прегрне Јужни.

„Ако играв само дома немаше да си ја завршам кариерата толку рано, но уморен сум од шетањето низ светот. Задоволен сум од мојата игра, но немам план да се вратам. Крајот е тука“, изјави Јужни, кој во 2004 година ја освои титулата во Санкт Петербург.

Секоја победа беше прославена со војничкиот поздрав со рекетот на главата, поради што го доби прекарот „полковник“.

Scroll to Top