Во водите на Охридското Езеро денеска се одржа традиционалниот мал пливачки маратон, познат како „Илинденски куп“.
На патеката од Горица до Охрид, долга 2.500 метри, во машка конкуренција во фото финиш триумфираше Евгениј Поп Ацев од ПК „Вардар 2018“, со време 29:02:71 минути, пред клупски колега Никола Ѓуретановиќ кој на целта стигна со време 29:02:98. Третото место во машка конкуренција го освои Кристијан Стојановски со време 29:23:46.
„Езерото беше прекрасно денеска. Одлична трка. Моја прва по 1999 година, но се чувствувам возбуден. Одлучи фото финиш меѓу мене и Никола, конкуренцијата беше силна, а ќе биде уште посилна во иднина бидејќи доаѓаат нови генерации одлични пливачи“, изјави победникот Поп Ацев.
Во женска конкуренција победи Ивана Неделковска од ПК Скопје, со време 31:33:80 минути, пред Јована Неделковска од ПК Скопје (33:07:11) и Росана Гошева од ПК Скопје (37:59:32).
Во конкуренцијата на пливачи од генерацијата 2008 и помлади, доминација на скопските клубови.
Резултати мажи 2008 и помлади
1.Петар Цеков – Вардар 2018 Скопје 29:40:65м.
2.Никола Велковски Вардар 2018 Скопје 33:20:14м.
3.Давид Неделкоски Вардар 2018 Скопје 34:17:76
Резултати жени 2008 и помлади
1.Сара Јанковиќ – ПК Скопје 32:42:39
2.Емилија Велкова – ПК Нептун Скопје 35:30:71
3.Неда Миленкоска МК Младост 35:44:93
Успешен организатор на „Илинденскиот куп“ беше клубот за спортови на вода „Охридски бранови 2008“ – Охрид, а настанот се одржа под покровителство на Советот на Општина Охрид, со поддршка на компанијата „Костал Македонија“ и други помагатели.
Фото/ ohridnews