Top Sport

Поради Надал ќе се менуваат правилата на Олимписките игри?

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал, според сегашните прописи, нема право да настапи на Олимписките игри во Париз следната година.

Причината е што Надал нема играно за Шпанија во последните два Дејвис купа, што е предуслов за настап на најголемиот светски спортски настан.

Така некогашниот светски рекет број еден би можел да остане без настап во француската престолнина во годината за која најави дека ќе биде последна во неговата професионална кариера.

Сепак, има и такви кои сметаат дека правилата треба да се сменат. Меѓу нив е и претседателот на Германската тениска асоцијација и кандидат за претседател на Меѓународната тениска федерација (ИТФ) Дитлоф фон Арним.

Тој смета дека треба да се сменат правилата поради Надал и апелираше до Меѓународниот олимписки комитет да го стори тоа.

„Тоа се правилата, но зошто ја отежнуваме ситуацијата и им создаваме проблем на играчите? Рафа сака да игра во Париз, ајде да му олесниме, мора да ги смениме правилата. Не сум во Олимпискиот одбор, но треба да разговараме за тоа“, рече Фон Арним и додаде:

„Ако постои можност, би го направил тоа, би дозволил и играчите добиваат поени од Олимписките игри. Треба да гледаме како да им помогнеме, а не да им ставаме пречки. Нека играат, ние треба да бидеме нивната поддршка“.

Надал пет пати го освојуваше Дејвис купот со Шпанија, додека во неговата колекција медали е и оној од Олимписките игри, освоен во 2016 година во Рио во конкуренција на двојки со Марк Лопез.

Scroll to Top