Top Sport

Пред 18 години Ленокс Луис го „поништи“ Мајк Тајсон (видео)

„Пирамид арената“ во Мемфис, Тенеси пред 18 години беше домаќин на една од највозбудливите пресметки во тешката категорија, во која Ленокс Луис го „здроби“ Мајк Тајсон за да ги одбрани ВБЦ, ИБФ и ИБО титулите во тешка категорија.

Мечот во 2002 требаше да се оддржи во Лас Вегас, но Тајсон не успеа да добие лиценца. Возбудата за мечот беше огромна, најавувана како „It’s On!“ и дури 1.97 милиони луѓе платија да го гледаат мечот преку пеј-пер-вју со заработка од 106.9 милиони долари.

Тензијата беше огромна откако Тајсон изјави: „Го сакам твоето срце, сакам да ти ги изедам децата“. По ова следуваше тепачката меѓу придружбата на двајцата боксери на една прес-конференција.

Мечот, пак, беше едноставно едностран. Луис доминираше од почетокот, а Тајсон едноставно не можеше да го дофати Британецот. Бргу стана јасно дека Тајсон се умори, а доби и исеченици и отоци на лицето. Сè беше готово во осмата рунда, кога Луис го прати „Челичниот“ на подот.

За Луис ова беше претпоследниот меч во кариерата. Потоа следуваше контроверзниот меч со Виталиј Кличко, во кој Украинецот можеби беше подобар, но дуелот беше прекинат поради исеченици на неговото лице. Луис се пензионираше во 2003, додека Тајсон боксуваше уште трипати, пред да стави крај на кариерата во 2005.

Scroll to Top