Top Sport

Промотерот Херн тврди: Џошуа-Фјури веќе во ноември!

Промотерот на Ентони Џошуа, Еди Херн вели дека очајно сака да го склучи договорот за пресметка со британскиот ривал во тешка категорија Тајсон Фјури веќе во ноември или декември оваа година, но дека за тоа да се случи Фјури треба да „побрза“ и да го победи Дионтеј Вајлдер во нивната трета најавена пресметка.

По фантастичната и доминантна победа на Фјури над Дионтеј Вајлдер во текот на викендот, сите боксерски фанови посакаа да видат меч за обединување на титулите, овојпат меѓу британските ривали. Сепак, се очекува Вајлдер да ја искористи клаузулата во договорот за трет меч против Фјури во текот на летото и Херн вели дека тие го чекаат тоа.

„Луѓето не сакаат да гледаат трет меч меѓу Фјури и Вајлдер. Веќе имаа 19 рунди, од кои Вајлдер доби само три и доби ќотек во последниот меч. Но, тоа е договорот. Само му порачувам на Тајсон да побрза и да го заврши тоа, за потоа да можеме сериозно да разговараме“, вели Херн за „Сан“.

Во исто време, Џошуа го очекува задолжителна одбрана на ВБА, ИБФ и ВБО титулите против бугарскиот предизвикувач Кубрат Пулев.

„Не можеме да го добиеме Фјури, така што мора прво да го средиме Пулев. Но, тоа ќе се заврши и во ноември или декември да го добиеме големиот меч“, објаснува Херн.

Scroll to Top