Бразилскиот тенисер, Тијаго Сејбот Вилд е првиот од „белиот спорт“ кој објави дека е позитивен на коронавирусот, а веста ја објави со порака на Твитер.


Овој 20-годишен тенисер вниманието на јавноста го сврте пред помалку од еден месец кога на турнирот во чилеанскиот главен град, Сантијаго ја освои својата прва АТП титула, иако настапи на покана на организаторите. Вилд во финалето беше подобар од Норвежанецот, Каспер Руд.

Бразилецот кој моментно е 114-ти на АТП листата вели дека се чувствува добро, а симптомите на COVID-19 првпат ги почувствувал пред 10 дена.

„Еј, луѓе, сакам да ве известам дека сум заразен со COVID-19, но во самоизолација сум, се грижам за себе и ги следам упатствата на лекарите. Тоа е само потсетување за сите вас да останете во домовите, со што би е грижеле за луѓето кои ги сакате и да им помогнете на сите болеста да не се шири“ – рече Сејбот Вилд.

Во Чиле се одигра последниот АТП тениски турнир пред да бидат прекинати останатите тениски натпреварувања. Сепак младиот тенисер и по овој турнир бил активен. Тој на 6.и 7. овој месец настапил на бразилската Дејвис куп репрезентација во квалификациски мечеви против Австралија, во Аделаида.