Top Sport

Канаваро од Кина: Ќе треба многу време за да се врати фудбалот во Италија

Легендарниот фудбалер, Фабио Канаваро кариерата ја градеше во две земји – во родната Италија и во Шпанија, (Јувентус и Реал Мадрид) двете европски земји кои се најпогодени од коронавирусот. Моментно е тренер на кинески Гвангжу Евергранде.

Канаваро од Кина, од каде започна да се движи опасниот вирус, порачува дека ќе помине многу време пред да се врати фудбалот во Италија и Шпанија.

„За помалку од еден месец никој не може да знае што ќе се случи во светот. Мислам дека ќе бие потребен многу долг период сето ова да заврши во Италија и Шпанија. Ќе биде тешко целокупниот европски фудбал да се опорави пред календарски да заврши сезоната“ – изјави Канаваро.

Тој за италијанските медиуми од прва рака ја пренесе ситуацијата во Кина, каде на сила беа големи рестриктивни мерки во текот на епидемијата.

„Вирусот во Гвангжу е под контрола и животот почнува кај сите да се враќа во нормала. Нема повеќе ограничување, само 14 дена се потребни да се остане дома. Мене ми преостанаа уште два дена во карантин. Сите кои се вративме во земјава моравме да ја поминеме таа процедура“ – вели Италијанецот.

Канаваро испрати јасна порака до сите во Европа, посебно до своите Италијанци.

„Останувањето дома е клучно затоа што така не му дозволувате на вирусот да се прошири на поголем број луѓе. Мораме да научиме од Кинезите, тие имаат многу повеќе искуство од нас во вакви ситуации“ – рече Канаваро.

Scroll to Top