УФЦ легендата, Конор Мекгрегор влезе во остар напад на својот долгогодишен пријател и тренинг-партнер Артем Лобов, откако пензионираниот руски фајтер поднесе тужба за исплата на огромна сума за парите кои наводно му ги должи за брендот виски „Пропер 12“ на Ирецот.
Лобов тврди дека бил клучниот човек за Мекгрегор да влезе на пазарот на виски, откако ја направил деталната анализа за пазарот за да се формира брендот, кој наиде на огромна популарност и му донесе на Ирецот милиони евра откако продаде дел од акциите.
„Мојот клиент е пензиониран професионален фајтер со диплома од Универзитетот на градот Даблин во финансии и капитални пазараи. Поднесовме случај пред Врховниот суд да се осигура договорот со господинот Мекгрегор. Мојот клиент е ко-основач и првичен креатор на ирскиот бренд виски поврзан со Мекгрегор. Другите работи нема да ги коментираме“, изјави адвокатот на Лобов, Дермот Мекнамара.
Се верува дека Лобов бара 5 отсто од 600-те милиони долари кои Мекгрегор ги заработи при продажбата на брендот на „Проксимо спиритс“ во 2021 година.
„Артем е стаорец, на, на, на“, пееше Мекгрегор во аудио-порака објавена на Твитер, која подоцна ја избриша.