Рускиот претседател Владимир Путин им се извини на олимписките спортисти бидејќи не ги заштитиле од допинг-скандалот, и додаде дека Русија секогаш поддржувала и ќе поддржува спорт без допинг и политика.
„Двојно е потешко кога спортот е измешан со другите работи, како политиката. Скандалите со допингот креираат екстремно тешки услови за постигнување на резултати. Простете ни што не успеавме да ве заштитиме од тоа“, изјави Путин на средбата со руските спортисти кои ќе се натпреваруваат во Пјеонгчанг под името „Олимписки спортисти од Русија“.
Двократната освојувачка на бронза, Олга Граф, една од ретките натпреварувачки во брзо лизгање која доби покана од ИОЦ, одби да оди, велејќи дека надежите за медал ѝ се уништени поради суспензијата на тимските колеги.
ИОЦ дозволи на 169 руски спортисти да патуваат во Јужна Кореја, но таму ќе настапат без своето знаме и без националните бои.
„Многу од спортистите добија суспензии поради некои работи кои не се поврзани со допингот. Затоа се поставува прашањето – против што точно се бориме, допингот или нешто друго? Не го знам одговорот. Русија призна дека имало грешки и недостатоци, но интернационалните спортски федерации не смеат да бидат послушници на некои моќни држави“, додаде Путин.