Top Sport

Рафа и Ноле се „разминаа“, Шарапова и Серена со можен ран дуел

Рафаел Надал ги дозна своите потенцијални противници на патот до 11. титула од Ролан Гарос, и барем за едно е сигурно среќен – со Новак Ѓоковиќ може да се сретне само во финалето.

Надал го започнува турнирот со незгоден дуел со Украинецот Александер Долгополов, против кого има 7-2 скор во кариерата, а во второто коло го чекаат Португалецот Жоао Соуса или Аргентинецот Гвидо Пелја. Потоа потенцијални противници му се Ришар Гаске (трето коло), Кевин Андерсон (четврт-финале), Марин Чилиќ (полуфинале) и секако Ѓоковиќ, кој е во другиот дел од ждрепката.

Серена Вилијамс, која сега е на 453. место на ВТА листата, во својот прв гренд слем по раѓањето на нејзината ќерка во септември отвара против Чехинката Кристина Плишкова, а својата стара ривалка, Русинката Марија Шарапова може да ја сретне веќе во четвртото коло. Серена има само четири меча оваа сезона, а последниот го одигра во март.

Шарапова, која лани не доби вајлд карта за настап по нејзината 15-месечна суспензија, ја нема победено Вилијамс од 2004 година.

Првата носителка и двократна финалистка, Романката Симона Халеп отвара против Американката Елисон Риски, додека шампионката од Австралија опен, Каролине Вознијацки почнува против уште една тенисерка од САД, Даниел Колинс.

Scroll to Top