Обидот да се преименува главната спортска арена во Базел по најславниот спортист кој излегол од швајцарскиот град, Роџер Федерер, не успеа, откако кампањата не успеа да собере доволно потписи.
Обвинувајќи го корона вирусот поради неуспехот, неговите фанови собраа само 1.200 потписи од потребните 3.000 за да се предизвика гласање за предлогот „Санкт Јакобсхале“ арената да биде преименувана во „Роџер Федерер арена“, но неговите навивачи не се обесхрабрени, јавува швајцарската новинска агенција „АТС“.
Во Швајцарија преименувањето на улици и други објекти по јавните личности обично се прави постхумно, а навивачите на Федерер од 2012 се обидуваат да ја преименуваат халата каде што се игра тенискиот Свис Индорс, а каде што Федерер лани победи по 10-ти пат. Сега, тие петицијата ќе предадат на кантоналните власти во Базел, по што ќе се донесе политичка одлука.
39-годишниот Федерер порасна во предградието каде што се наоѓа арената, а како тинејџер помина две години како собирач на топчиња, и сега по секој турнир организира забава со пица за момчињата и девојчињата кои ја имаат оваа улога.