Top Sport

Руд со прво гренд слем финале, ќе го предизвика својот идол, „кралот“ Надал

Каспер Руд стана првиот норвешки тенисер во историјата кој се пласирал во едно финале на гренд слем турнир, откако во полуфиналето на Ролан Гарос се врати од сет негатива за 3:6/6:4/6:2/6:2 победа над поранешниот шампион од САД опен, Хрватот Марин Чилиќ.

Чилиќ влезе во мечот со амбиција да стане еден од петте активни тенисери кои биле во сите четири гренд слем финалиња, но по блескавиот старт и освојувањето на првиот сет, 23-годишниот Руд ја презеде контролата, завршувајќи го мечот кој беше накратко прекинат од една девојка која се врза на мрежата за нешто помалу од три часа.

За Руд сега следува неделно финале против „кралот“ на Ролан Гарос, и негов личен идол, Рафаел Надал, кој ќе оди на 14-та титула од француската престолнина, откако неговото полуфинале беше прекинато во вториот сет по повредата на Александер Зверев. Руд, кој е син на поранешниот норвешки тенисер Кристијан Руд, последните години беше тренинг-партнер на Надал, и помина дел од своето „тениско образование“ учејќи на академијата на Шпанецот на Мајорка.

Scroll to Top