Top Sport

Холанѓаните ја декласираа Белгија, Австрија на Рангник ја победи Хрватска, Данска со триумф во Париз!

Холандија стигна до фантастична 1:4 победа во соседското дерби со Белгија во првото коло од новата сезона од Лигата на нации, Ралф Рангник имаше совршено деби на клупата на Австрија со 0:3 победа кај Хрватска, додека Данска направи пресврт за 1:2 победа кај светскиот шампион Франција во изненадувачка вечер европски фудбал.

Белгија, репрезентацијата составена од фудбалски ѕвезди како Кевин де Брујне, Ромелу Лукаку и Еден Азар, доживеа понижувачки пораз на „Крал Бадуин“ во Брисел. Лошата вечер беше најавена во 27. минута, кога Лукаку се повреди и бараше да биде заменет, за во 40. минута, гостите да поведат со голот на Стивен Бергвајн по асистенција на Френки де Јонг.

Роберто Мартинез го извади Азар во игра и го внесе напаѓачот на Наполи, Дрис Мертенс во второто полувреме, но тогаш следуваше фуриозниот напад на тимот на Луис ван Гал. Мемфис Депај во 51. минута зголеми на 0:2, Дензел Дамфрис 11 минути подоцна даде гол за 0:3, за Депај да ги „дотепа“ Белгијците со својот втор гол во 66. минута. Мичи Батшуаи во 93. минута го постигна утешителниот гол за Белгија.

Во Осиек, пак, актуелните светски вице-шампиони Хрватска исто така доживеаја „студен туш“, откако Австрија, првпат под водство на поранешниот менаџер на Манчестер јунајтед, Ралф Рангник, стигна до лесна 0:3 победа. Марко Арнаутовиќ го отвори резултатот во 41. минута со убав гол, а во второто полувреме, Михаил Грегорич (54.) и Марсел Забицер (57.) ги обезбедија трите поени за гостите.

Франција на „Стад де Франс“, почна одлично, откако Карим Бензема ја продолжи голгетерската серија оваа сезона со гол во 51. минута, пред Андреас Корнелиус да израмни во 68. минута од мечот. Корнелиус беше херој на гостите, кога во 89. минута успеа да го совлада Иго Љорис за голема победа.

ЛИГА НА НАЦИИ

ЛИГА А, ГРУПА 1

Франција – Данска 1:2

Хрватска – Австрија 0:3

ЛИГА А, ГРУПА 4

Белгија – Холандија 1:4

ЛИГА Ц, ГРУПА 3

Казахстан – Азербејџан 2:0

Белорусија – Словачка 0:1

ЛИГА Д, ГРУПА 1

Летонија – Андора 3:0

Лихтенштајн – Молдавија 0:2

Scroll to Top