Top Sport

Руне го исфрустрира и го исфрли нервозниот Ѓоковиќ

Младиот дански тенисер, Холгер Руне е првиот полуфиналист на Мастерсот во Рим, откако во меч кој беше одложуван поради дожд кој донесе многу нервоза за двајцата ривали, со 6:2/4:6/6:2 го совлада светскиот број 1, Новак Ѓоковиќ. Ова е втора победа во три меѓусебни дуели против Ѓоковиќ за 20-годишниот Данец!

Ѓоковиќ на вчерашната прес-конференција изјави дека Руне е тенисер кој најмногу наликува на него во младоста, и Руне го покажа тоа со одлична контра-игра од основната линија убедливо да го добие првиот сет. По ова, тој ги загуби нервите при 2:3 негатива во вториот сет, кога едно топче кое дефинитивно беше на линијата, беше проценето дека е во аут. Данецот успеа да врати еден брејк, за потоа Ѓоковиќ уште еднаш да дојде до предност и мечот да биде прекинат на 5:4 поради силниот дожд.

Кога се вратија на терените, Ѓоковиќ го освои следниот гем за да израмни, но потоа, дозволи Руне да направи два брејка. Нервозата во играта на Ѓоковиќ почна да се препознава – тој се расправаше со судијата на столче зошто ги меша јазиците (англиски/италијански) и бараше еден гледач да биде исфрлен од „Форо Италико“ поради тоа што тој извикуваше „аут“.

Во полуфиналето, Руне ќе игра со подобриот од мечот помеѓу петтиот носител, Норвежанецот Каспер Руд и Аргентинецот Факундо Керундоло.

Scroll to Top