Суспендираната Руска атлетска федерација (РусАФ) побара од Интернационалната асоцијација на атлетски федерации (ИААФ) да се одложи одлуката за ново казнување или можно исфрлање од ИААФ.
Руската федерација е суспендирана речиси пет години поради обвинувањата за систематски допинг, а проблемите се зголемија откако се пропушти крајниот рок од 1 јули за исплата на милиони долари на ИААФ поради прекршувањето на анти-допинг правилата. Поради ова ИААФ може да ги суспендира и руските атлетичари и атлетичарки кои досега се натпреваруваа без знаме како неутрални спортисти.
ИААФ ќе го разгледува случајот на советот на 29 и 30 јули, а РусАФ преку писмо објавено на „Ројтерс“ бара да не се донесе одлука.
„Бараме да се земе во предвид работата која ја завршивме и добрата волја да се продолжи со работата и затоа Советот да ја одложи својата одлука“, се вели во писмото кое е потпишано од потпретседателот на федерацијата, Алексеј Плотников.
Федерацијата тврди дека е во финансиска криза и дека нема шанси да ги најде потребните пари (6.31 милиони долари), откако нема приходи од декември 2019 година.