Рускиот хокеар и голман на НХЛ тимот Филаделфија Флаерс, Иван Федотов, е приведен во Русија под обвинение за избегнување воена служба, по што бил однесен во воена болница откако му се слошило, изјави неговиот адвокат за руската државна информативна агенција.
25-годишниот хокеар бил приведен од полицијата во Санкт Петербург по барање на военото обвинителство и бил одведен во канцеларијата за регрутирање. Русија од февруари спроведува воена инвазија на Украина.
Неговиот адвокат Алексеј Пономарјев за државната новинска агенција РИА во саботата изјави дека Федотов во петокот бил одведен во канцеларија за регрутирање, а потоа во воена болница откако му се слошило, отфрлајќи ги обвинувањата дека неговиот клиент ја избегнувал воената служба.
Федотов, голманот на рускиот национален тим кој годинава го освои среброто на Зимските олимписки игри во Пекинг, во мај потпиша едногодишен договор со Филаделфија Флаерс, кои го избраа на драфтот уште во 2015 година. Минатата сезона бранеше за ЦСКА Москва во шампионатот на КХЛ.