Поранешниот двократен гренд слем шампион, Марат Сафин никогаш не се воздржувал да го каже своето мислење за состојбата на модерниот тенис, и сега во интервју за магазинот „Сократис“, тој вели дека „едноличноста“ во тенисот го убива.
„Ако ги гледам Томаш Бердих, Григор Димитров или Милош Раонич, сите како да играат ист тенис. Понекогаш дури не знаеш кој е на теренот бидејќи се исти. Тоа е досадно и воопшто не е добро за развојот на спортот. Искрено, тие воопшто не играат, како да играат роботи.Секогаш исто – сакаат да го удрат топчето што е можно посилно и потоа да видат што ќе се случи“, вели Сафин.
Русинот, кој останува еден од најголемите таленти во последните неколку децении во спортот, не го исполни целосно својот потенцијал најмногу поради работи надвор од тенисот. Тој брани само еден модерен тенисер.
„Најдобрите играчи како Новак Ѓоковиќ и Стен Ваврика играат исто така. Во што е разликата во нивната игра? Во ништо! Само Федерер игра поинаку. Тој ги ’сече’ топките, игра сервис-и-волеј, секогаш е непредвидлив. Игра со својата глава. Другите можеби мислат дека се добри како него, но на крајот, тој нема рамен противник. Убедливо најдобриот тенисер во историјата. Против него секогаш беше тешко. Секогаш ми беше кошмар. Како е возможно Федерер да има 36, а Надал 31 и уште да ги газат сите пред нив. Што е проблемот со јуниорите? Каде се?“, вели Сафин, кој го победи Федерер само двапати во 12 меча.