Top Sport

Сандгрен подобар од Фоњини во „жесток“ меч, Барти „преживеа“ против Риски

Американецот Тенис Сандгрен вторпат се пласираше во четврт-финалето на Австралија опен, откако во меч во кој двајцата тенисери се расправаа со судијата на столче, успеа со 7:6(5)/7:5/6:7(2)/6:4 да го совлада Италијанецот Фабио Фоњини.

Најжестоко беше во првиот сет, кога Сандгрен се расправаше со судијата поради одлуката Фоњини да добие пауза за да оди во тоалет. Во вториот сет, Фоњини доби казна од еден поен откако побара тренерот да му ги преврзе прстите на раката. Награда за тенисерот со најпогодено име е четврт-финален дуел од подобриот од мечот помеѓу Роџер Федерер и Унгарецот Мартин Фучович.

Светската тенисерка број 1, Ешли Барти го прослави националниот празник на Австралија со пласман во четврт-финалето, откако успеа да се врати за 6:3/1:6/6:4 победа над Американката Елисон Риски.

Австралиската прва носителка лесно го освои првиот сет против Риски, но почна да прави неверојатни грешки во вториот сет и со дури 13 неизнудени грешки дозволи Американката да израмни. Во одлучувачкиот сет беше екстремно тесно, откако Риски се врати од брејк негатива, но на крајот ја разочара сопствениот сервис, губејќи го мечот со двојна сервис грешка. Следна за Барти е минатогодишната финалистка, Чехинката Петра Квитова.

Scroll to Top