Top Sport

Се „растура“ репутацијата на олимпискиот великан Мо Фара

Откако беше нарекуван најдобриот британски атлетичар во историјата, повеќекратниот олимпсики шампион Мо Фара се наоѓа во центарот на контроверзи кои се закануваат дека целосно ќе му ја уништат репутацијата, посебно поради врските со американскиот тренер Алберто Салазар.

Програмата „Панорама“ на „Би-би-си“ открива дека Фара ја сменил приказната околу добивањето на контроверзниот суплемент на исхрана, „Л-карнитин“ пред американската анти-допинг агенција. Фара работеше со Салазар во неговиот „Најк Орегон“ проект, освојувајќи четири олимписки злата и шест светски титули во трки на 5.000 и 10.000 метри, но Салазар доби четиригодишна суспензија минатата година поради тоа што на своите атлетичари им давал допинг-средства.

Според „Панорама“, 36-годишниот Фара го сменил исказот за користењето на супстанцијата пред Маратонот во Лондон во 2014 година, а исто така имало голема загриженост и во Британската атлетска федерација околу истата инјекција.

„Иако процесот беше во границите на дозволеното на ВАДА, постои аргумент дека ова е во спротивност на духот на спортот“, се вели во една електронска порака од националната федерација, во која се посочува дека тоа средство не е достапно во Британија и дека Салазар морал да го набави од Швајцарија.

„Л-карнитин“ беше супстанцијата поради која Салазар доби суспензија, откако им инјектирал на сите свои атлетичари, а исто така му пратил порака на Ленс Армстронг, велосипедскиот „крал“ кому му беа одземени седумте Тур де Франс титули поради допинг, во која се вели: „Јави ми се веднаш, тестиравме и тоа е фантастично“.

Фара досега не беше именуван во истрагата на Американската анти-допинг агенција.

Scroll to Top