Олимписката и светска шампионка на 800 метри, Кастер Семенја лесно го „помина“ предизвикот на Кристијано Роналдо и му порача дека „добро е што барем се обиде“, уште еднаш покажувајќи ја својата одлична физичка подготвеност.
Вчера, ѕвездата на Јувентус, Роналдо во соработка со спонзорот „Најк“ направи „предизвик“ за своите ривали, правејќи 142 стомачни вежби за само 45 секунди и поканувајќи ги сите да се обидат да го срушат ова. Јужноафриканката Семенја, во ист временски период направи дури 176 вакви вежби во кои целта е да се допрат прстите на нозете додека лежиш на грб!
„Благодарам на Кристијано за предизвикот, ѕверот барем се обиде, но јас направив 176 во 45 секунди“, напиша Семенја на Инстаграм.
И други спортски ѕвезди се обидоа да го срушат рекордот, вклучувајќи ја португалската двојка на Манчестер јунајтед, Бруно Фернандеш и Диого Далот, но не успеаја – Фернандеш стигна до 117, а Далот до 105.
Семенја последната година беше на насловните страници поради неубави работи – откако мораше да се бори пред Судот за арбитража во спортот (ЦАС), за ИААФ да и дозволи да се натпреварува без пречки. Јужноафриканката има природно високо ниво на тестостерон во своето тело, и ИААФ сметаше дека тоа и дава нефер предност пред другите атлетичарки, барајќи таа да зема средства за намалување на нивото на тестостерон пред трките.
Можете ли подобро од Роналдо – 142 обиди за 45 секунди (видео)