Top Sport

Серена без мака, Макарова ја „шутна“ Вознијацки

Екатерина Макарова направи големо изненадување во второто коло на Вимблдон, откако со 6:4/1:6/7:5 ја елиминираше втората носителка, Данката Каролине Вознијацки.

30-годишната Русинка беше посилна во меч со многу пресврти, откако беше инспирирана во последниот сет за да го предизвика најголемото изненадување досега на турнирот. Макарова направи еден брејк во првиот сет за да го освои релативно лесно, пред освојувачката на Австралија опен да врати импресивно во вториот сет.

Меѓутоа, во третиот сет, Макарова направи брејк на 5:5 за со својата шеста меч-топка да ја победи Данката и да обезбеди дуел со Чехинката Луцие Шафарова во третото коло.

Седумкратната шампионка, Серена Вилијамс, немаше вакви проблеми и не се „испоти“ пред со 6:1/6:4 да ја елиминира бугарската квалификантка Викторија Томова за пласман во третото коло. 36-годишната Вилијамс имаше проблеми само на стартот на првиот сет против светската тенисерка број 135, за на крајот да обезбеди победа по 66 минути игра. Следна за неа е подобрата од дуелот на Германката Татјана Марија и Французинката Кристина Младенович.

„Ова беше многу подобро од првото коло и среќна сум што одам во вистинска насока“, вели Вилијамс, која сега има 16 победи во низа на тревнатите терени на Вимблдон.

Фото: ЕПА

Scroll to Top