На стартот на Олимпијадата во Пјонгчанг најмногу внимание освен натпреварувањата на снегот и мразот предизвикуваат навивачките од Северна Кореја, кои пристигнаа на Олимпијадата поради желбата за зближување на разделената нација.
Со црвени униформи, 200-те членки на „армијата на убавици“, како што ги нарекуваат во Јужна Кореја, покажаа совршена синхронизација на песните од трибините, зачудувајќи ги туристите, но и луѓето од Јужна Кореја.
Посебна атмосфера имаше во „Гангнеунг“ арената за брзото лизгање, додека голем број од нив беа присутни и на хокеарското натпреварување, на кое има „обединета“ Кореја, и ентузијазмот не спласна и покрај 8:0 поразот од силните Швајцарки.
Девојките се избрани од престижните универзитети во Северна Кореја и официјално се избирани според два главни критериуми – идеологија и изглед.
Во Пјонгчанг е присутна и сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, Ким Јо-џонг, која исто така стана миленичка на дел од новинарите во Јужна Кореја.