Во меч од првото коло на Мадрид опен, Марија Шарапова се врати на победите, откако го надмина тесниот прв сет за 7:5/6:1 победа над Романката Ирина-Камелија Бегу. 31-годишната Русинка пристигна во Мадрид со два порази во низа, и се врати од 3:1 негатива во првиот сет, за потоа да го искористи ритамот и да освои 20 од последните 22 поени за победа.
„Првиот сет не играв многу добро, но се извлеков. Имаше тешки поени, а потоа го кренав нивото. Бев агресивна и тоа ми помогна“, вели Шарапова.
За неа следува интересен дуел со Французинката Кристина Младенович, откако минатогодишната финалистка со 6:4/4:6/6:3 ја победи Кинеската Жанг Шуаи. Шарапова и Младенович немаат најдобри односи, откако минатата година, Младенович неколку пати ја нарече Русинката измамничка поради позитивниот допинг-тест на мелдониум за кој Шарапова помина 15 месеци надвор од тенисот.
Светската тенисерка број 2, Каролине Вознијацки го издржа лошиот прв сет за да ја совлада Австралијката Ешли Барти со 6:2/4:6/6:4 за пласман во осминафиналето на Мадрид опен.
Вознијацки губеше со 4:2 во последниот сет, но ги освои следните четири гема да покаже дека полека ја враќа формата. 22-годишната Барти почна да игра несигурно по водството, и на крајот заврши со дури 54 неизнудени грешки. Следна за Вознијацки е поранешната полуфиналистка од Ролан Гарос, Кики Бертенс, која ја совлада Анастасија Севастова со 6:1/6:4.
Фото: ЕПА