Руската тинејџерка, 15-годишната Камила Валиева, според многумина најголемиот талент кој го видел уметничкото лизгање, направи премногу грешки во слободната програма за на крајот да заврши на четвртото место и и да ги поштеди ИОЦ од срамното недоделување на медали по нејзиниот позитивен тест од декември.
Нејзината сонародничка, Ана Шчербакова стигна до златото пред уште една Русинка, Александра Трусова на второто место, додека бронзата отиде кај Јапонката Каори Сакамото.
Валиева се најде во центарот на најголемата контроверза досега на Олимпијадата во Пекинг, откако по тимското натпреварување, се објави дека во декември била позитивна на средство за лекување на срцева ангина. ИОЦ се обиде да ја спречи да настапува и најави дека нема да доделува медали доколку таа биде меѓу топ 3 во женското натпреварување, но Судот за арбитража во спортот (ЦАС) дозволи таа да се натпреварува.