Top Sport

Што ќе преземе Ѓоковиќ и може ли повторно да победи пред Федералниот суд?

Владата на Австралија, поточно министерот за имиграција, Алекс Хок, во интерес на „јавното здравје“, му ја укина визата на Новак Ѓоковиќ. Со оваа одлука продолжи голготата на најдобриот светски тенисер во Мелбурн.

На оваа одлука, адвокатите на Ѓоковиќ веќе подготвиле жалба. Тие се надеваат дека ќе издејствуваат целата процедура да се одвива по скратена постапка, односно дека целиот процес би завршил до недела, што би значело дека во случај Ѓоковиќ повторно да го добие спорот, би можел да игра на Австралија опен.

Случајот би требало да биде вратен кај судијата Ентони Кели, кој му овозможи на Ѓоковиќ да влезе во Австралија, но постои можност судијата случајот да го проследи до Федералниот суд.

Од оваа перспектива тешко е да се каже какви шанси против Владата, овој пат има српскиот тенисер. Мислењата се поделени и во стручната јавност.

„Доколку не дојде до некаква грешка во правниот процес или доколку одлуката е неоснована, тогаш шансите на господинот Ѓоковиќ да ја обжали одлуката на министерот Хок се многу мали“, изјави професорката на Универзитетот во Нов Јужен Велс, др. Џанина Бауи.

Од друга страна, експертот за имиграциски прашања, Абул Ризви, рекол дека не е чудно што министерот чекал толку долго за да ја донесе одлуката. Од овој потег тој извлекол два заклучока.

„Прво, дека ова е многу комплексно правно прашање. Второ, мислам дека Владата е загрижена од можноста дека господинот Ѓоковиќ ќе се жали и дека повторно ќе има судски процес. Загрижени се бидејќи е голема веројатноста повторно судот да пресуди против нив“, рекол Ризви.

Scroll to Top