Словенија има нов спортски херој, откако Примож Роглич ја прослави својата прва победа на една од големите велосипедски трки по крајот на 21. етапа од Вуелта Еспања, која му припадна на Фабио Јакобсен во спринтерски финиш во Мадрид.
29-годишниот Роглич во саботата беше петти на последната планинска етапа од 190 километри, со што стави печат на големата победа пред ветеранот Алехандро Валверде, кој заостана 2:33 зад Словенецот, а големиот триумф за словенечкиот велосипедизам го комплетираше 20-годишниот Тадеј Погачар, кој покрај победата на етапата во саботата, го освои и последното место на подиумот.
Ова е само комплетирање на неверојатната 2019 година за Роглич, новата велосипедска сензација, откако тој триумфираше на неколку етапни трки – Трката околу Обединетите Арапски Емирати, Трката околу Романдија и Тирено-Адриатико и го освои третото место на Џиро Д’Италија. Следно, секако, за момчето со големи амбиции е напад на титулата од Тур де Франс следната година.