Неверојатни вести стигнуваат од Германија – два меча на завршениот грен слем тениски турнит Вимблдон се под истрага поради сомнеж дека биле наместени.
Германскиот весник „Die Welt” пишува дека едниот од сомнителните мечеви е од првото коло во машки двојки. Едниот пар го освоил првиот, па ги загубил наредните два сета. Тајмингот на големи уплати дека водечкиот пар ќе го загуби мечот го привлекол вниманието на истражителите.
Уште поинтересна е ситуацијата во вториот случај.
Наводно, се работи за меч во машки сингл, исто така во прво коло, во натпревар во кој играл германски тенисер.
Не е проблемот во германскиот тенисер, туку во она што го правел неговиот противник, пишува германскиот весник.
Имено, се пишува дека голема сума на пари била уплатена пред крај на вториот сет, и тоа на точен резултат, но имало и посебни уплати за точниот број на гемови на мечот. И двете уплати се добитни.
Интересно е што во прво коло на Вимблдон учествуваа дури 7 германски тенисери, од кои еден (Филип Колшрајбер) во првото коло загуби од Денис Шаповалов од Канада, кој, пак, стигна до полуфиналето.
Останатите 6 германски тенисери кои настапија во првото коло се Јаник Ханфман, Оскар Оте, Доменик Кепфер, квалификантот Даниел Масур, Александер Зверев и Јан Ленард Шруф.