Top Sport

Српско-хрватско финале на Квинс Клаб

Новак Ѓоковиќ и Марин Чилиќ ќе се судрат во финалето на елитниот подготвителен турнир за Вимблдон на Квинс Клаб по победите во два сета во своите полуфиналиња.

Србинот Ѓоковиќ, кој е светски број 22., а во 2008 година играше во финалето на Квинс, ќе го игра своето 99. АТП финале и прво по речиси цела година по 7:6(3)/6:4 победа над Французинот Жереми Шарди, кој и во 11. дуел со Србинот не успеа да стигне до победа.

„Играв добар тенис против опасни противници и тоа е позитивно. Самодовербата е на високо ниво пред Вимблдон“, вели Ѓоковиќ.

Хрватот Чилиќ, кој лани загуби во финалето на турнирот од Фелисијано Лопез, пак ќе игра за титулата откако со 7:6(4)/7:6(3) го совлада Австралиецот Ник Кирјос.

„Мотивиран сум за нова титула, бидејќи се работи за 500-турнир и за голем турнир пред Вимблдон. Лани го дадов максимумот и загубив за еден поен, но Фелисијано играше фантастично и ја заслужи титулата“, вели Чилиќ.

Фото: ЕПА

Scroll to Top