Само еден месец откако се пензионираше од тениската турнеја, Сергиј Стаховски се пријави да биде резервист во украинската војска, додека неговата сонародичка, Елина Свитолина најави дека ќе го дава својот награден фонд на својата татковина.
36-годишниот Стаховски, кој се пензионираше по последниот меч на квалификациите на Австралија опен, се пријави на листата на резервисти, откривајќи дека прво го „тргна“ семејството на безбедно во Унгарија за да се врати во својата татковина.
„Секако би се борел, тоа е единствената причина поради која се враќам. Се пријавив за резервистите минатата недела. Немам никакво воено искуство, но имам лично искуство со пиштол. Мојот татко и мојот брат се хирурзи и навистина се под стрес, но разговарам постојано со нив, спијат во подрумот. Добро е што медиумите сега не поддржуваат, но да бидеме реални, ова трае веќе осум години, каде беше тоа тогаш?“, вели поранешниот светски број 31., кој во кариерата освои четири титули, а во 2013 година го шокираше Роџер Федерер во првото коло на Вимблдон.
Неговата сонародничка Свитолина, пак, напиша емотивно писмо до својата татковина, ветувајќи дека ќе ги донира парите од наградните фондови на турнирите на воените и хуманитарните потреби.
„Писмо до мојата татковина, во моментов сум далеку од вас, од моите сакани од мојот народ, но срцето никогаш не ми било толку топло. Мојот народ, секој ден се плашам за вас, не можам да престанам да плачам, срцето ми крвави. Но горда сум што ги гледам нашите мајки, татковци, браќа, сестри, кои се толку храбри. Тие се херои. Ги посветувам парите од моите следни турнири за да помогнам на армијата и за хуманитарните цели“, вели Свитолина.