Карла Суарез Наваро, втор пат во кариерата успеа да слави против Марија Шарапова и се пласираше во четврт-финалето на Флешинг Медоуз. Шпанката со победа над петкратната победничка во Њујорк го прослави својот 30.роденден.
Суарез Наваро, од почетокот го наметна својот ритам, играше многу агресивно бргу стигна до предност од 5:2, а иако Шарапова успеа да врати еден брејк, сепак Шпанката го заврши сетот со 6:4.
Во вториот сет Суарез Наваро, прва направи брејк, потоа возврати Шарапова, но тоа беше се од Русинката на овој меч. Суарез Наваро до крајот уште еднаш и го одзеде сервисот и успеа да ја заврши работата во два сета.
Противничка на Суарез Наваро ќе и биде финалистката од минатата година, Медисон Киз. Американката за само 77 минути успеа да ја декласира Доминика Цибулкова од Словачка со 6:1, 6:3.
Уште една четврт-финална двојка формираа Наоми Осака и Лесија Цуренко. За двете пласманот во четврт-финалето е најголемиот успех на гренд слем турнирите.
Осака, во осмина-финалето ја победи Белорусинката Сабаленка со 6:3, 2:6, 6:4, а три сета одигра и Цуренко против Вондрусова. Украинката на крајот победи со пресврт 6:7, 7:5, 6:2.