Рускиот боб-санкач Алексеј Воевода доби доживотна суспензија од настап на Олимписките игри поради допинг-прекршок за време на Олимпијадата во Сочи во 2014 година, каде што освои две злата.
Одлуката доаѓа две недели откако ИОЦ ја суспендираше Русија од настап на Олимпијадата во Пјеонгчанг, Јужна Кореја поради „систематска манипулација“ на допинг-тестовите, иако дозволи „чистите“ спортисти да настапат под неутрално знаме.
37-годишниот Воевода, кој беше колега на Александер Зубков во боб-двосед и боб-четворосед во Сочи, е 30-тиот руски спортист кој добива доживотна суспензија. Зубков, кој исто така е претседател на руската боб-федерација, најави жалба пред Судот за арбитража во спортот (ЦАС).