Top Sport

Светската шампионка во спуст ја пропушта целата сезона

Илка Штухец светската шампионка во спуст и најдобрата во оваа дисциплина во мината сезона, се здоби со тешка повреда на коленото, поради што најверојатно ќе ја пропушти целата сезона.

Словенката Штухец на тренингот во Австрија го скинала предниот вкрстен лигамен на коленото. Рехабилитацијата од ваквата провреда трае шест до девет месеци што значи дека таа ќе ја пропушти сезоната во која од 9 до 25 февруари ќе се одржат Зимските олимписки игри во Пјонгчанг, Јужна Кореја.

Раководството на репрезентацијата на Словенија соопшти дека Штухец ќе биде оперирана во среда.

„За жал ова беше мојот последен старт за наредните неколку месеци. Тажна сум и лута во овој момент, но и мотивирана да се вратам уште посилна“, напишала Штухец на Твитер.

Илка Штухец минатата сезона оствари седум победи, четири од нив во спуст, го освои второто место во вкупниот пласман, а го освои малиот кристален глобус во спуст. На Светското првенство таа стана светска шампионка во оваа дисциплина.

Новата сезона во Светскиот куп ќе започне викендов во австриски Зелден.

Scroll to Top