Бранителот на титулата на Тур де Франс, словенечкиот велосипедист Тадеј Погачар, победи на шестата етапа на годинашното издание на најголемата трка во светот од Бинче до Лонгви со должина од 220 километри и со таа победа го презеде водството и во вкупниот пласман.
Иако шестата етапа беше речиси целосно рамна, во последните километар и половина велосипедистите имаа благо искачување, а и во толку краток интервал Погачар покажа дека моментално е најдобриот велосипедист на светот. Тој лесно го престигна сонародникот Примож Роглич, кој прв нападна, и ја мина целната линија со неколку велосипедски должини пред второпласираниот, Австралиецот Мајкл Метјуз и пред третопласираниот Французин, Дејвид Гауду.
Во вкупниот редослед, Погачар има четири секунди подобро време од Американецот Нилсон Паулес, односно 31 секунда подобро од Данецот Јонас Вингегард.