Top Sport

Таткото го советува Фјури: Сега е време за пензија

Џон Фјури, таткото на новокрунисаниот ВБЦ шампион во тешка категорија, Тајсон Фјури, вели дека неговиот син треба да го остави боксот зад себе по најимпресивната победа во кариерата во саботата со доминацијата над Дионтеј Вајлдер.

Ова беше крунисување на фантастичниот камбек на британскиот боксер со прекар „Џипси кинг“ поради неговото потекло на таканаречени „Травелери“, или Роми „патници“. Фјури стана ѕвезда кога го победи Владимир Кличко во 2015 година за ИБФ, ВБА и ВБО титулите, но ги загуби без меч откако имаше проблеми со алкохолот, кокаинот, но и ментални проблеми.

Сега, тој има повеќе опции – да оди на трет меч со Вајлдер или да чека мега-меч со својот сонародник Ентони Џошуа, кој е ВБА, ИБФ, ВБО и ИБО шампион. Сепак, Џон Фјури вели дека неговиот син треба да се фокусира на сопругата и на своите пет деца.

„Сакам мојот син да се пензионира сега. Направи доволно, а не беше лесно за него со толку битки. Мислам дека има таква идеја. Не смее да го прави ова. Ги освои сите професионални борби и ова е доволно. Има и други работи во животот, а нема што да докажува. Има 32 години и семејство и на децата им е потребен татко“, вели Фјури Сениор во гостувањето на британската ТВ.

Токму Џон Фјури беше тренер на својот син на почетокот на кариерата, бидејќи и самиот беше фајтер во борби без ракавици. Сепак, тој вели дека откако го гледал својот син во депресија по победата на Кличко во 2015 го сменил мислењето.

„Тоа беше темно време, гледаш млад човек како пие до смрт за да избега од реалноста, како јаде од кофа, и тоа пред вас. Кога на вашиот син ќе престане да му е грижа што зборувате, како татко и родител, време е да се загрижите“, додава Џон Фјури.

Scroll to Top