Многу прашина се крена по изјавата на Новак Ѓоковиќ во која најдобриот светски тенисер вели дека е против вакцинацијата, но дека ќе продолжи да ја истражува оваа тема бидејќи таа е важна за сите луѓе.
Различни коментари има за ваквиот став на Ѓоковиќ, не само од светот на тенисот и светот на спортот. „Њујорк Тајмс“ побарале детално објаснување, а Ѓоковиќ им одговорил со кусо соопштение.
„Не сум стручњак, но сакам да имам опција, сакам да можам да го изберам она што е најдобро за моето тело. Ќе продолжам да ја истражувам оваа тема бидејќи е важна за сите нас. Да бидам искрен малку сум збунет, како и сите во светот. И покрај тоа што имаме пристап до информациите, во мене постои сомнеж околу тоа што треба да направиме во оваа ситуација“, истакнал Ѓоковиќ.
За потсетување, вакцинирањето на тенисерите е предуслов тие да можат да патуваат низ светот и да можат да играат на турнирите.