Гренд слем турнирите ќе се вратат на 16 носители наместо на 32 носители веќе од сезоната 2019 како дел од новите промени кои ги донесе Интернационалната тениска федерација (ИТФ).
Првата и најитна промена доаѓа веќе на Австралија опен во јануари, кога ќе се имплементира часовник од 25 секунди, рок во кој тенисерите ќе мораат да сервираат. Покрај ова, од Мелбурн ќе биде ограничено и загревањето пред мечот – 1 минута за подготовка, 5 минути за загревање и уште 1 минута за старт на мечот. Казните ќе се движат до 20.000 долари.
Гренд слем бордот исто така реши да стави крај на повлекувањата на тенисерите или намерно губење на натпревар од првото коло со целосен награден фонд. Секој тенисер кој ќе се повлече кратко пред стартот на главната ждрепка ќе добие само 50 отсто од парите, додека замената (губитникот во последното коло на квалификациите), ќе ги добие преостанатите 50 отсто.