Натрупаниот календар, зголемениот ризик од повреди и потребата од подобри услови за тенисерите би можеле да го променат лицето на професионалниот тенис. АТП разгледува низа реформи што треба да им олеснат на играчите.
АТП планира различно да ги вреднува резултатите на најголемите турнири и да обезбедат поголема финансиска сигурност на оние на врвот на светската ранг-листа, но и на оние што се борат за место меѓу најдобрите.
Прашањето за здравјето на тенисерите повторно е во преден план по проблемите со кои се соочија Карлос Алкараз и Јаник Синер оваа година. Поради повреда на десниот зглоб, Шпанецот направи пауза од четири и пол месеци и пропушти два Гренд слем турнири, додека Италијанецот, ја заврши сезоната порано од планираното поради воспаление на десното колено.
Претседателот на АТП, Андреа Гауденци, предложи промена на системот за бодување, според кој резултатите на најважните турнири би имале поголема тежина.
Идејата е пласманот и настапот на најголемите натпреварувања да бидат посоодветно наградени, без потреба играчите да се обидуваат да ги надоместат пропуштените поени со дополнителни настапи.
Во оваа насока, се разгледува укинувањето на правилото што им дозволува на тенисерите да ги заменат трите послаби резултати од турнирот Мастерс 1000 со подобар настап во натпреварите од сериите 500 или 250. Ова би го намалило притисокот да се игра повеќе од потребното во текот на сезоната за да се остане конкурентен во борбата за пласман.
Промените се разгледуваат пред планираното воведување на нов турнир Мастерс 1000 во Саудиска Арабија, што би го зголемило бројот на натпревари од тоа ниво на десет во текот на годината. Токму затоа прашањето за рамнотежа помеѓу проширувањето на календарот и заштитата на здравјето на играчите станува сè поважно.
Во исто време, АТП размислува и за сериозно зголемување на финансиската поддршка за тенисерите. Бонус фондот на крајот од сезоната би можел да се зголеми од 21,5 милиони долари на 50 милиони долари, додека фонд од 25 милиони долари е планиран за играчите кои ќе ја завршат годината меѓу првите 250. Околу 300 тенисери би добивале приближно 30 милиони долари годишно за нивните пензиски придонеси.
Доколку предлозите бидат усвоени, тенисот би можел да влезе во нова фаза на развој. Клучното прашање ќе биде дали реформите навистина ќе донесат помалку товар за најдобрите играчи и постабилни услови за оние кои само се обидуваат да се пробијат во врвот на светскиот тенис.
Foto/ Depositphotos
