Top Sport

Тим против Ѓоковиќ во финалето на АО

Австриецот Доминик Тим ќе му биде противник на Новак Ѓоковиќ во финалето на годинешното издание на Австралија опен. Тим во полу-финалето го победи Германецот Александар Зверев со 3:1 (3/6, 6/4, 7/6, 7/6). За Австриецот ова е трето грен-слем финале во кариерата, прво во Мелбурн.

Полу-финалната пресметка помеѓу тенисерите кои се предводници на „новиот бран“ во светскиот тенис не ги исполни очекувањата. Двајца, со оглед на влогот, беа нервозни, несигурни кога сервираа и со премног осцилации.

Три брејка беа видени во првиот сет, два направи Зверев кој го освои сетот со 6:3. Слично сценарио имаше вториот сет повторно три брејка, разликата беше што два од нив направи Тим кој го израмни резултатот.

По еден брејк направија двајцата во третиот сет кој се покажа како решавачки за конечниот победник. Зверев во десеттиот гем не успеа да искористи две сет топки, за потоа сетот да го загуби во тај-брејкот.

На сигурно и без реизик играа Тим и Зверев во четвртиот сет. Сетот повторно го реши тај-брејкот и повторно Тим беше многу подобар од противникот.

Тим во финалето ќе игра против седумкратниот шампион во Мелбурн Новак Ѓоковиќ. Досега овие двајца одиграле десет меѓусебни дуели, Ѓоковиќ води во победи со 6:4, меѓутоа лани двете соочувања му припаднаа на Тим, во полу-финалето на Ролан Гарос и во фазата по групи на Завршниот мастерс во Лондон.

Финалниот меч ќе се одигра в недела во 9.30 часот по средно-европско време.

Scroll to Top