Италијанскиот тинејџер Лоренцо Мусети подолго време се смета за еден од најнадежните тенисери од новата генерација, кого многумина го гледаат како иден освојувач на гренд слем титула, и на големата сцена, во осминафиналето на Ролан Гарос го покажа тоа против светскиот број 1, Новак Ѓоковиќ. Барем во првите два сета.
Мусети успеа да ги освои првите два сета во тесна борба со Србинот, добивајќи го во тај-брејк (никогаш нема загубено тај-брејк во кариерата), но потоа доживеа вистински колапс во следните три сета, предавајќи се во петтиот сет по 6:7(7)/6:7(2)/6:1/6:0/4:0 за Ѓоковиќ да обезбеди дуел со уште еден Италијанец, деветтиот носител Матео Беретини, кој доби слободен премин во следното коло по повлекувањето на Роџер Федерер.
Ѓоковиќ загуби вкупно 14 поени во третиот и четвртиот сет, за експресно да израмни на 2:2, по што во петтиот сет го повреди прстот на десната рака при освојување на еден поен.
Во четврт-финалето е и Аргентинецот Диего Шварцман, откако со 7:6(9)/6:4/7:5 го елиминираше Германецот Јан-Ленард Штруф за место во полуфиналето да се бори со подобриот од мечот помеѓу 13-кратниот шампион Рафаел Надал и уште еден италијански талент, Јаник Синер.
Кај дамите, во четврт-финалето е Американката Коко Гоф по доминантната 6:3/6:1 победа над Тунижанката Онс Жабур и сега ќе игра со Чехинката Барбора Крејчикова, која со уште полесни 6:2/6:0 ја совлада поранешната гренд слем шампионка, Слоун Стивенс.