Top Sport

Трофеите на Бекер биле продадени за 700.000 фунти

Трофеите кои Борис Бекер ги освои во својата славна тениска кариера биле продадени на аукција за 700.000 фунти за да се отплатат неговите долгови, се тврдеше на судењето во Лондон денеска, на кое Бекер е обвинет дека прикривал средства и имоти за да избегне да плати долг.

Бекер банкротираше во 2017 година, но обвинет е дека одбил да ги предаде трофеите (вклучувајќи три трофеи од Вимблдон и олимпиското злато), за да врати долг од 3 милиони фунти на приватната банка „Арбатнот Латам“, кој го земал да купи посед на шпанскиот остров Мајорка.

Адвокатот на Бекер, Џонатан Ледлоу пред судот објасни дека тенисерите добиваат „минијатурни“ верзии на славните трофеи кои ги заддржуваат во својата колекција, но дека трофеите на Бекер биле одземени од него и од домот на неговата мајка во Германија, за да се продадат за 700.000 фунти.

Бекер, кој во кариерата освои 49 титули во сингл во 16-годишната кариера, ги отфрла обвинувањата дека прикривал било какви информации околу трофеите, а исто така дека продал автосалон во Германија во кој продавал автомобили Мерцедес за 1.000.000 евра. Тој исто така е обвинет дека префрлал пари на сметките на своите поранешни сопруги Барбара Бекер и Шерли Лили Бекер за да ги „сокрие“ парите.

Се очекува судењето да трае повеќе од три недели.

Scroll to Top