Жената која беше виновна за еден од најголемите судири во историјата на Тур де Франс, на првата етапа во саботата, е уапсена од француските жандарми во Бретања.
Во саботата, етапата од Брест до Ландерно беше прекината на 42 километри пред крајот, откако Германецот Тони Мартин, победник на пет етапи на ТдФ се судри со жената која држеше голем знак. По ова дваесетина велосипедисти зад неа „летнаа“ предизвикувајќи голем хаос.
Се веруваше дека жената избегала во Германија, но сега француската „РТЛ“ објави дека таа е уапсена во Ландерно, малото градче каде што заврши етапата. Останува нејасно дали таа сама се предала, но казната за предизвикување на физичка повреда може да достигне до 1.500 евра.