Аманда Нунеш ја декласираше првата предизвикувачка Фелисија Спенсер за да ја одбрани својата титула во перо категорија на УФЦ 250 за да влезе во историјата. Бразилката, која е и носителка на титулата во бантам категорија, стана првиот УФЦ фајтер со одбрана на два појаси во исто време.
Таа исто така ќе стане првата шампионка која е мајка, откако со својата сопруга, Нина Ансароф во септември очекува дете.
Нунеш беше подобра во секој сегмент во петте рунди, отварајќи неколку исеченици на лицето на Канаѓанката, но не успеа да стигне до нокаут. Судиите оценија дека го добила мечот со 50-44, 50-44 и 50-45.
УФЦ сега се наоѓа пред проблем да најде предизвикувач за Бразилката, бидејќи најблиску до неа е само шампионката во мува категорија, Валентина Шевченко, која има два порази од Нунеш.
„Не сум изненадена што не стигнав до нокаут, бидејќи знаев дека е цврста во октагонот. Бидејќи знаев дека ќе одиме во пет рунди морав да бидам остра како кактус. Што е следно? Навистина не знам. Целта беше да ги одбранам титулите и не знам што следува. Одам дома, а потоа ќе се договориме со Дејна Вајт“, вели Нунеш.