Хабиб Нурмагомедов доби деветмесечна суспензија и парична казна од фантастични 500.000 долари, додека Конор Мекгрегор помина со суспензија од шест месеци и 50.000 долари казна од страна на Спортската комисија на Невада (НАЦ).
Петчлениот комитет на НАЦ го изгласа договорот со кој Нурмагомедов ќе добие казна од 9 месеци и 500.000 долари за неговата улога во тепачката која се случи по УФЦ 229 во Лас Вегас, а оваа може да биде намалена на три месеци доколку рускиот фајтер учествува во јавна порака против насилство. Казната е ретроактивна, што значи дека Нурмагомедов може да влезе во октагонот веќе на 6 април 2019, а сумата од 500.000 долари ќе биде одземена од гарантираните 2.000.000 долари кои ги доби за мечот. Мекгрегор пак, доби казна од само 50.000 долари.
По главниот меч на УФЦ 229, откако Нурмагомедов во четири рунди го победи Мекгрегор за да ја заддржи титулата во лесна категорија, Дагестанецот ја прескокна оградата и го нападна Дилон Денис од тимот на Мекгрегор поради навредливите зборови кои тој ги изрече за него, по што почна општа тепачка.
Во кафезот, Мекгрегор размени удари со луѓето на Нурмагомедов, вклучувајќи го УФЦ борачот Зубаира Тухугов.
Тепачката беше продолжение на долгото несогласување меѓу Мекгрегор и Нурмагомедов во кое прво Нурмагомедов се пресмета со пријателот на Мекгрегор, Артем Лобов во Бруклин минатиот април, по што Мекгрегор и неговите луѓе го „начекаа“ автобусот на Нурмагомедов и го демолираа.