Top Sport

УФЦ: Рускиот „Драго“ го „смачка“ Оверим во две рунди

Русинот Александер Волков се промовираше во вистински кандидат за УФЦ титулата во тешка категорија, откако го „суреди“ легендарниот Алистер Оверим со технички нокаут во втората рунда во главниот меч на УФЦ Фајт Најт во Лас Вегас.

Откако го раскрвари Оверим со неколку супер комбинации, Волков со силен удар на левицата предизвика судијата Џејсон Херцог да го прекине мечот. Ова дефинитивно беше најдобра партија на Волков во УФЦ и сигурно ќе го помести од седмото место на рејтинг-листата за тешкаши.

„Моето време доаѓа“, изјави огромниот Волков, кој има прекор Драго, од славниот филм „Роки 4“.

Оверим започна одлично со неколку силни удари, но згреши што чекаше одговор од Волков, кој влезе со неколку комбинации во првата рунда, и му направи исеченица на лицето на противникот. Во втората рунда, Волков повторно го „притисна“ противникот во кафезот и со едноставна техника ја оствари својата 9-та победа во последните 11 меча.

32-годишниот Волков е поранешен М-1 шампион во тешка категорија, додека 40-годишниот Оверим, кој во кариерата победуваше фајтери како Брок Леснар, Виктор Белфорд, Фабрисио Вердум, Андреј Арловски и Френк Мир, со ова најверојатно го загуби последниот обид да стигне до титулата во тешка категорија.

Scroll to Top