Ентони Џошуа може да добие договор вреден 350 милиони фунти доколку реши да потпише со Ултимејт фајтинг шампионатот (УФЦ) и боксерскиот ринг го замени со ММА октагон.
Според „Дејли телеграф“, претседателот на УФЦ, Дејна Вајт ќе присуствува на мечот за обединување на титулите во тешка категорија меѓу ВБА и ИБФ шампионот Џошуа и ВБО шампионот Џозеф Паркер во Кардиф следната сабота. По ова тој планира да се сретне со 28-годишниот Британец и да му даде шанса за трансфер во ММА.
„Уловот на Џошуа веднаш ќе го направи Британецот еден од клучните луѓе во УФЦ и тој би можел да очекува 50 милиони долари по меч, со шанса за договор од над 500 милиони долари“, тврди весникот.
Џошуа е носител на ВБА, ИБФ и ИБО титулите и има совршен 20-0 скор, и се очекува дека ќе боксува со ВБЦ шампиониот Дионтеј Вајлдер до крајот на годината ако го помине Паркер. Но, и тој признава дека УФЦ понуда би била атрактивна.
„Заинтересиран сум бидејќи можеме да работиме заедно. Сигурен сум дека мојот агент Еди Херн има интерес да работи со Дејна Вајт. Ако е добар бизнис, тогаш има смисла. Ќе послушаме што има да каже па ќе видиме понатаму“, вели Џошуа.