Top Sport

УФЦ: Вистински гангстер – Мекги си го намести изместениот нос и продолжи со мечот

Американскиот УФЦ ветеран Корт Мекги покажа неверојатна храброст и изддржливост, откако си го намести скршениот нос во дуелот со Карлос Кондит, за да продолжи да се бори до крајот на мечот, предизвикувајќи почит и кај својот противник.

Во меч од велтер категорија на „Островот на борбите“ во Абу Даби, Мекги доби страшна повреда на крајот на првата рунда кога доби фантастичен аперкат, но потоа си го намести носот, продолжи да се бори и загуби на поени.

„Го наместив моменти подоцна. Почувствував дека е искривен кога станав“, одговори Мекги на една од многуте фотографии на социјалните мрежи со неговата повреда.

Кондит беше импресиониран.

„Човекот си го намести самиот! Тоа е навистина диво. Мислам дека потоа заборавив дека му беше искривен носот. Каков гангстер!“, изјави Кондит.

Сепак, ова не е најлошото што му се случило на Мекги, кој во 2005 година беше клинички мртов по предозирање со хероин, по што успеа да ја победи опасната зависност.

Scroll to Top