Top Sport

Вајда: Главната цел на Ѓоковиќ е рекордот на гренд слемови на Федерер

Во интервју за чешкиот портал „Спорт.цз“, долгогодишниот тренер на Новак Ѓоковиќ, Маријан Вајда признава дека светскиот број 1 има голема цел во новата сезона – да се освојат четири гренд слема во низа и да се стигне рекордот на Роџер Федерер од 20 големи титули.

Помеѓу САД опен во 2015 и Ролан Гарос во 2016, Ѓоковиќ го направи тој успех, освојувајќи четири гренд слема во низа.

„Новак веќе кажа дека сака да има четири гренд слема во една календарска година, а исто така зборуваме и за рекордот на Федерер. Новак има 14 гренд слема, Роџер има 20, така што тој треба да остане здрав и да работи напорно“, вели Словакот.

Во 2018 година, Ѓоковиќ имаше изненадувачки добра сезона во која освои два гренд слема (Вимблдон и САД опен), како и Мастерс 1000 турнирите во Синсинати и Шангај.

„И ние не очекувавме таков успех. Кога се вратив на работа со Новак, го најдов во состојба во која не можеше да победува на големит мечеви. Знаев дека ќе стане шампион, но не толку бргу. Сега, ситуацијата е поинаква и ќе има притисок на него како на фаворит. Уште не научив да зборувам српски, но како Словак имаме некои слични зборови. Се чувствувам како дел од неговото семејство“, вели Вајда.

Scroll to Top