Шампионот во тешка категорија Ентони Џошуа доби понуда од 50 милиони долари за да боксува со Дионтеј Вајлдер во пресметка за обединување на титулите во САД оваа година.
Ова доаѓа откако промотерот на Британецот Џошуа, Еди Херн му понуди 12.5 милиони долари на „Бронзениот бомбардер“ за меч во Велика Британија, нешто што според Американецот било „понижувачки“. Менаџерот на Вајлдер, Шели Финкел оваа понуда директно му ја соопштил на Херн, кој е во Њујорк за да ги води преговорите за мечот во тешка категорија.
Финкел нуди 50 милиони долари или 50 отсто од наградниот фонд, односно која сума од тие две е повисока за да се договорат условите за меч, кој би се оддржал од септември до декември, но не сакаат клаузула за ри-меч во договорот.
Британците од друга страна би сакале меч на „Вембли“ оваа есен, во спектакл кој би привлекол над 90.000 луѓе, но се отворени за можност за меч во Лас Вегас, кој би донел најмногу пари. Сепак, Херн смета дека Џошуа треба да добие поголем дел од парите бидејќи е „поголема ѕвезда“ и ги има три од четирите појаси во тешка категорија.