Top Sport

Вавринка во потрага по нов тренер

Шведскиот тренер Магнус Норман го раскина партнерството со Стен Вавринка, ставајќи крај на едно од најуспешните тренерски партнерства во последните години.

Кога Вавринка го ангажираше поранешниот шведски тенисер Норман во април 2013 година, тој беше 17. на АТП-листата и негов најдобар пласман на гренд слем турнирите беше пласман во две четврт-финалиња. Во јануари 2014, Вавринка го освои првиот гренд слем на Австралискиот опен, а во следните четири години победи и на Ролан Гарос и на Американскиот опен, пред да стигне до финалето во Париз оваа година.

Норман, кој самиот беше светски рекет број 2 во својата кариера, вели дека одлуката е лична, бидејќи сака да посвети повеќе време на семејството.

„По многу размислување, решив иднината да ја посветам на семејството. Со две мали деца дома, сега е вистинско време да бидам со нив. Не можев да најдам подобар тенисер за соработка од Стен, кој е фантастична личност“, изјави Норман.

32-годишниот Вавринка ја прекрати сезоната предвреме поради повреда на коленото и се очекува да се врати на Австралискиот опен.

„Би сакал да му заблагодарам на Магнус за фантастичните години. Секогаш ќе му бидам благодарен што ми помогна да станам подобар играч и да освојам три гренд слем титули. Тој не е само тренер, туку е и член на моето семејство“, вели Вавринка.

Scroll to Top